Мојот најголем страв беше дека еден ден ќе се случи пожар. За среќа, веројатно нема жртви и повредени, кажа поранешниот директор на Универзалната сала Душко Поповски по избивањето на пожарот во објектот.

Видно ме вознемири веста дека гори Универзална сала. Дојдов да видам што се случува. Бев тука директор од 2005 до 2009 година. И тогаш беше преамортизиран објектот, дури беше на граница на употреблива вредност. Ваков објект од времен карактер не смееше да работи во такво светло 40 или 50 години. Не работи веројатно последните 7-8 години. Прва информација што ја примив кога станав директор е дека сличен ваков објект во Бугарија изгорел за седум минути. Можете ли да замислите каква трагедија би била во случај на преполна сала. Тоа беше мојот најголем страв, дека еден ден ќе се случи пожар. За среќа, веројатно е без жртви и повредени. Вознемирен сум бидејќи Универзалната сала беше синоним за сите во Македонија, веројатно најпрепознатлив објект. За нејзиното траење поминати се повеќе од шест милиони посетители – истакна Поповски.

Жалосно е, додаде тој, што објектот бил толку измалтретиран и што не се направил уште пред 30 години.

„Уште во 2005 година кога јас стапив на должноста имаше проект за реконструкција и доградба. Тој проект се менуваше, пак велам, не знам за какви интереси, меѓутоа тој проект што јас го започнав во тоа време не се реализира“,дециден беше Поповски.