Димитровски тврди дека барал да не се издаде дозвола за „Пулс“

На денешното рочиште за случајот „Пулс“, одбраната на поранешниот градоначалник на Општина Кочани, Ратко Димитровски, оцени дека обвинението претставува преседан во правната практика, особено во делот што се однесува на утврдување причинско-последична врска. Според нив, Димитровски ниту имал намера или умисла, ниту може да се поврзе со последиците од трагедијата. Тој бил единствениот кој уште пред отворањето на објектот побарал да не се издаде дозвола за работа. Не дозволувал ниту како дискотека да работи ниту како кабаре.

Сочувство и критика од адвокатката Соколова

Бранителката Ангела Соколова, адвокатка на десеттообвинетиот, на почетокот изрази сочувство до семејствата на загинатите и порача дека сите очекуваат вистинска и правична разврска. Таа наведе дека обвинителниот акт е преседан, бидејќи дури ни едно од дејствијата што му се ставаат на товар на Димитровски во периодот 2012–2017 не може да се поврзе со настанатата последица. Соколова истакна дека ништо од тоа не се вклопува во теоријата на каузалитет.

„Димитровски бил единствениот што пријавил“

Одбраната прашува како може да постои соизвршителство кога по мандатот на Димитровски уште двајца градоначалници ја воделе општината. Тие посочуваат дека во 2012 година Општина Кочани не дозволила пренамена на паркиралиштето од првообвинетиот и доставила барање за неиздавање дозвола за работа на дискотека или кабаре. Соколова нагласи дека тоа барање никогаш не било отповикано. Таа додаде дека ќе докажат оти наводното непостапување околу евентуална градежна инспекција не може да биде причина за трагичниот исход.