Германија и Франција предлагаат земјите-кандидатки да добијат поголеми можности за вклучување во програмите на Европската Унија и пристап до единствениот европски пазар уште пред полноправното членство. Предлогот е содржан во француско-германски документ во кој агенцијата „Ројтерс“ имала увид.

Нов импулс за процесот на проширување

Документот има цел да внесе нова динамика во разговорите за проширувањето на Европската Унија пред самитот на лидерите на ЕУ и Западен Балкан, како и пред самитот со Молдавија, предвиден за подоцна овој месец.

Проширувањето повторно се најде високо на европската агенда по руската војна против Украина, додека Киев настојува преку членството да ја зацврсти својата положба во европскиот политички простор.

Погледнете го документот кој ЕКСКЛУЗИВНО пристигна до редакцијата на Радио Лидер.

Сепак, пристапувањето кон Европската Унија најчесто претставува долг и бирократски процес, кој опфаќа повеќегодишни преговори и спроведување правни реформи. Поради тоа, претставниците на ЕУ разгледуваат начини земјите-кандидатки да добијат поконкретни придобивки и пред целосното завршување на пристапниот процес.

„Мораме да обезбедиме дополнителни стимулации како дел од постепен процес на интеграција базиран на заслуги и да го поедноставиме тековниот процес за да го направиме поефикасен и да овозможиме побрза и подлабока интеграција“, се наведува во француско-германскиот документ.

Пристап до европските програми и единствениот пазар

Меѓу предложените можности е учество на кандидатите во програмите на Европската Унија за студентска размена и истражување. Се разгледува и постепено вклучување во областите на енергетиката, индустријата и европскиот Систем за трговија со емисии, доколку конкретната земја ги исполнува потребните стандарди.

Во документот се отвора и можност претставници на земјите од Западен Балкан и Молдавија да присуствуваат на одредени делови од министерските состаноци и самитите на Европската Унија, но без право на глас.

Предлогот следува по иницијативата на германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој минатиот месец предложи Украина да добие статус на „придружна членка“ како привремен чекор кон полноправно членство во Европската Унија. Според него, таквото решение би можело да придонесе за постигнување договор за завршување на војната предизвикана од руската инвазија.

Западен Балкан бара еднаков третман

Иницијативата за Украина отвори прашања за земјите од Западен Балкан, кои со години работат на исполнување на условите за членство, но според предложениот модел не би ги добиле истите можности.

Според претставници на Европската Унија, Црна Гора во моментов е најнапредната земја-кандидат, додека напредок во пристапниот процес остварила и Албанија.

Се очекува Молдавија и Украина наскоро да ги започнат преговорите за првиот тематски кластер од европските стандарди. Меѓу останатите земји-кандидатки за членство во Европската Унија се Македонија, Србија и Босна и Херцеговина.