Редакцијата на Радио Лидер ексклузивно и неофицијално дојде до списокот со девет брендови на млечни производи кај кои, според анализите, биле утврдени разлики меѓу декларираните состојки и реалниот состав на производите. Станува збор за млекари и производи кај кои анализите на Агенцијата за храна и ветеринарство покажале отстапувања во процентот на млечни масти и протеини, а кај еден производ било утврдено присуство на растителни масти.

  1. Млекара „Милком“ – кај мешаниот кашкавал, според декларацијата биле наведени 34,5 проценти млечни масти, но анализата на АХВ покажала масленост од 30 проценти.
  2. Млекара „Маврово“ – мешаното сирење, според декларацијата, било со 24,5 проценти млечна маст, додека анализата покажала 17,5 проценти.
  3. Млекара „Сентис аг“ од Тетово – кај УХТ млекото, според декларацијата, млечната маст изнесувала 3,2 проценти, а анализата покажала 2,85 проценти. Протеинот бил деклариран со 3,5 проценти, додека анализата покажала 3 проценти. Кај нивната кисела павлака, млечната маст по декларација изнесувала 18 проценти, а анализата покажала 14 проценти.
  4. Млекара „Ѓорѓиеви“ – козјото сирење било декларирано со 23 проценти млечна маст, но анализата покажала 16,3 проценти. Протеинот, според декларацијата, изнесувал 18,8 проценти, а анализата покажала 14,6 проценти.
  5. Млекара ПК „Златибор“ од Србија – кај увозното „Златиборско ситно сирење“, млечната маст била декларирана со 14,3 проценти, но анализата покажала 1,19 проценти.
  6. Млекара „Бела фарм“ – кај производот урда, со потекло од Србија, „Хомоље“, според декларацијата млечната маст изнесувала 25 проценти, а анализата покажала 5,54 проценти.
  7. Млекара „Продукт бренд“ – кај кравјото сирење, млечната маст била декларирана со 15 проценти, а анализата покажала 11,4 проценти. Протеините биле декларирани со 12 проценти, додека анализата покажала 15 проценти.
  8. „Тетовска млекара“ – мешаното сирење било декларирано со 23 проценти млечна маст, а анализата покажала 19,8 проценти.
  9. Млекара „Норд милк“ – кај млечната павлака со пиперка било утврдено присуство на растителни масти.

За потсетување, десет оператори беа затекнати со неточни декларации за млечни масти, а од промет беа повлечени 500 килограми производ во кој биле откриени палмини масти. Кај еден примерок, наместо декларирани 20 проценти, бил пронајден само 1 процент млечна маст. Вонредните контроли на Агенцијата за храна и ветеринарство откриле дека дел од млечните производи не одговараат на декларациите, а кај еден производ разликата била драстична.

„Деведесет и една мостра од млеко и млечни производи и од сувомесни производи и од домашно производство и од увоз, зедоа официјалните ветеринари на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во рамки на вонредните контроли кои имаа за цел утврдување дали реално производите по својот квалитет соодветствуваат со означеното на декларациите.“