Николај Слатински, експерт за национална безбедност од Бугарија, на својот профил на Фејсбук се пожали за односот на бугарските цариници кон нивните државјани на границата со Македонија.

„Патувам доста. Ама вакво нешто немав видено најмалку 20 години! Полн автобус Софија – Скопје. Сите се симнати од бугарските служби од него, заедно со багажот. Куфери, чанти, мрежи, торбички се расфрлени по земјата. Еден службеник проверува. Луѓето се туркаат. Мрзеливо по малку доаѓа уште еден проверувач.

Претураат низ багажот. Ништо не објаснуваат.

Патниците со различен интерес, поради воспитувањето, гледаат на личната долна облека и на другите аксесоари на останатите…

Проверувачот ја вади на куп содржината на багажите, ја расфрла на импровизираната маса…

Нема ‘извинете’, нема ‘мораме, таква ни е работата!’

Недостига, се разбира, скенер, еден пар голи раце.

Му велам: ‘Сето тоа е многу горчливо’.

‘Така треба’, ми одговара“, го напиша Слатински на Фејсбук тоа што многумина од Македонија го имаат искусено на бугарскиот дел од границата.

Извор: Expres.mk.