Половина милијарда американски долари вредна инвестиција во енергетскиот сектор – Алказар Енерџи, го објави почетокот на инвестицијата на најголемиот парк на ветерници во земјава и во регионот со капацитет до 400 MW. Ќе обезбедува струја за околу 100.000 домаќинства. Се очекува домашниот енергетски капацитет да се зголеми за пет пати кога ветерниците ќе бидат целосно оперативни. Изградбата треба да почне во втората половина на 2025-та година.
„Планирано е отворање на 630 работни места, а кога ќе биде целосно оперативен проектот ќе се произведува чиста електрична енергија за повеќе од 100 000 домаќинства и ќе се намали емисијата на јагленородниот диоксид за 670 000 тони годишно. Со повеќе од 50 ветерници, проектот ќе заштеди 1,1 милиони кубни метри вода годишно“, рече Даниел Калдерон генерален директор на Алказар Енерџи.
Паркот ќе се гради на 75 км од Скопје. Вистински пресврт во енергетиката најавува премиерот Мицкоски. Зелената транзиција и фокусирањето во обновливата енергија ќе придонесе до закрепнување на стопанството и економски раст.
„Од земја увозник, ќе повторам наша цел е да станеме и земја извозник на електрична енергија. Реонот каде треба да се гради паркот на ветерници се наоѓа помеѓу три општини, Карбинци, Радовиш и Штип, каде потенцијалот за ваков тип инвестиција е голем. Овој тип на инвестиција не само што ќе додаден вредност врз македонскиот БДП, туку и значително ќе го подобри перформансот на локалната економија и економијата на целата држава“, рече Христијан Мицкоски.
Македонија, енергетски независна, е целта на новата Влада. Глобалната енергетска криза која доведе до пад на економијата и зголемена инфлација силно ја погоди нашата земја. Со вакви проекти тоа нема да дозволиме да се повтори – став на министерката за енергетика, Сања Божиновска.
Проценката е дека македонскиот ветер ќе обезбедува околу 100 милиони евра годишно во БДП.
Извор: МРТ