Непознати напаѓачи го убиле началникот на полицијата на мексиканската држава Синалоа, Хоел Ернест Сото, пренесуваат мексиканските медиуми.

Сото е убиен по серијата апсења на атентатори од нарко картелот на чие чело е Хоакин Гузман, попознат како Ел Чапо.

Автомобилот во кој бил шефот на државната полиција на Синалоа, Хоел Ернесто Сото, бил пресретнат и рафално нападнат од атентатори, за кои мексиканската полиција тврди дека му припаѓаат на нарко-кланот на Хоакин Гузман. Автомобилот што го управувал самиот началник на полицијата слетал од патот, каде што напаѓачите ја довршиле почнатата акција, соопшти полицијата, чии единици пристигнале на местото на злосторството околу половина час подоцна.

Во претходните две недели во акции под команда на Сото беше уапсена група платени убијци на картелот Синалоа. Мексиканските медиуми шпекулираат дека неговото убиство било нарачано од Ел Чапо, кој е осуден на доживотен затвор во Америка за серија убиства и трговија со дрога.

Мексиканските медиуми наведуваат дека во последно време во оваа земја има речиси 100 убиства секој ден, а дека само минатата година биле убиени 34.600 лица.