Грција го забрзува развојот на капацитетите за складирање електрична енергија, при што проекти со вкупна моќност до 4.700 мегавати преминуваат во следната фаза, откако завршила евалуацијата на поднесените над 800 инвестициски барања за издавање конечни понуди за приклучување на самостојни постројки за складирање електрична енергија, информираа од Министерството за животна средина и енергетика на Грција.
Било поднесено 831 барање со вкупна моќност од 12.319 мегавати, а од нив, 221 од барањата со моќност од 10.521 мегавати се однесуваат на приклучување кон преносниот систем на соодветниот оператор, додека останатите 610 барања со моќност од 1.798 мегавати се за приклучување кон дистрибутивната мрежа.
Евалуацијата ја спровела надлежната комисија, согласно критериумите и условите утврдени во институционалната рамка, по што биле изготвени ранг-листи на проектите според категоријата и надлежниот оператор на мрежата што веќе се објавени во Службен весник на Грција.
Ранг-листите за проектите што ќе се приклучуваат на преносниот систем опфаќаат постројки за складирање со вкупна моќност од 6.366,88 мегавати, а соодветните листи за дистрибутивната мрежа опфаќаат постројки со вкупна моќност од 1.403,88 мегавати, додека вкупно вклучени се проекти за складирање енергија со моќност од 7.770,76 мегавати, од кои ќе бидат доделени услови за приклучување за капацитет до 4.700 мегавати.
„Големиот интерес од инвестициската заедница ја потврдува динамиката на новата институционална рамка и клучната улога на складирањето енергија за подобро искористување на производството од обновливи извори на енергија, намалување на ограничувањата на производството и создавање пофлексибилен и посигурен електроенергетски систем“, соопштија од грчкото Министерство.
Министерот за животна средина и енергетика на Грција Ставрос Папаставру посочи дека во последните години земјата направила голем исчекор во енергетската транзиција со инвестиции во инфраструктура и проекти што го користат силниот домашен енергетски потенцијал.
„Следната цел е оваа енергија да се складира, за да успееме максимално да ја искористиме, со конкретни придобивки за граѓаните и бизнисите. Затоа го забрзуваме развојот на складирањето енергија, со проекти со моќност до 4.700 мегавати кои преминуваат во следната фаза“, посочи Папаставру.
