Европскиот парламент денеска го усвои извештајот за односите меѓу Европската Унија и Кина, предупредувајќи дека релациите со Пекинг достигнаа критична точка поради нефер економските практики, шпионажата и кинескиот став кон руската агресија врз Украина.

За извештајот гласаа 454 европратеници, 86 беа против, а 110 беа воздржани. Со оваа одлука, Европарламентот упати барање до Европската комисија и Советот на ЕУ итно да ја решат трговската нерамнотежа, посочувајќи дека трговскиот дефицит на ЕУ со Кина веќе надминува 300 милијарди евра. Европратениците исто така побараа Пекинг веднаш да ги запре сите облици на помош за Русија и да престане да придонесува за продолжување на војната.

Во документот се нагласува дека глобалниот подем на Кина стана еден од најголемите политички предизвици за Европа, при што земјата претставува „уникатна комбинација на партнер, конкурент и системски ривал“.

„Односите со Пекинг достигнаа критична точка, првенствено поради нефер економските практики на Кина, како што се дампингот и шпионажата“, стои во извештајот.

Европскиот парламент оцени дека Кина не е само економска сила, туку и геополитички актер кој се стреми да го обликува меѓународниот поредок според сопствената визија — концепт кој често е во директна спротивност со европскиот модел заснован на отвореност и правила.

Дополнително, Парламентот повикува на признавање на стратешкото значење на Арктикот и Далечниот север за европската и трансатлантската безбедност, барајќи внимателно следење на кинеските научни, економски и инфраструктурни активности во овој регион, особено оние со двојна намена и нивната поврзаност со руското воено присуство.