Компанијата „Ептиса“ изминатиов период е мета на напади и од медиумите и од дел од политичарите во земјава. Информациите што се споделуваат се невистинити и неосновани, се користат во дневно-политичката агенда во земјата, со што неоправдано се доведува до дискредитација и поткопување на угледот на „Ептиса“, стои во соопштението на компанијата.

Во продолжение соопштението од компанијата

И покрај тоа што веќе беше испратен текст со којшто се демантира сè што беше изнесено во јавноста, компанијата повторно укажува дека изјавите се неточни и целосно ги отфрла.

– Најпрво, нагласуваме дека лицето Бранислав Димитријевиќ и неговата компанија, споменати во контекст на активности во Ерменија, никогаш не биле ангажирани или вработени во „Ептиса“. Договорот во Ерменија го водеше друга консултантска компанија како лидер. Нашата улога во тој проект беше како партнер. Лидерот беше одговорен за спроведување на проектот – истакнуваат од „Ептиса“.

Во однос на наводите дека Владата претходно донесла одлука да не се користат услугите на „Ептиса“, укажуваме дека таква одлука не е донесена. Напротив, преку Извадок од записник од седницата на Владата заклучува и дава насоки до органите на централната валст да не се користат услугите на Ептиса. Овој заклучок, по писменото барање од страна на Ептиса, а поради правна неоснованост беше повлечен од Владата. Нагласуваме дека компанијата Ептиса работи исклучиво согласно законот, на никој начин не е поврзана со криминални или коруптивни активности и поради тоа не постои, ниту пак се води постапка пред било кој орган во Република Северна Македонија со кој се ограничува или спречува делувањето на Ептиса.

– Таква одлука може да ја донесе само надлежен суд, а таква одлука не постои за „Ептиса“. „Ептиса“ докажа дека постапувала професионално и на непристрасен начин го спроведувала споменатиот проект – велат од „Ептиса“

Во однос на проектот на „Бехтел и Енка“, договорот за надзор го потпиша ИРД, додека „Ептиса“ е само дел од конзорциумот и при реализацијата ќе има мала улога. Дополнително, ИРД го предводеше процесот на одлучување кои други компании ќе бидат дел од конзорциумот.

– ИРД ќе биде водечка, како и одговорна компанија за спроведување на проектот. „Ептиса“ немаше никакво учество ниту беше консултирана при изборот на другите компании во конзорциумот за надзор на проектот на „Бехтел и Енка“ – нагласуваат од „Ептиса“.

„Ептиса“ ги поседува сите потребни лиценци за проектирање и надзор на територијата на Северна Македонија, во согласност со позитивното законодавство на земјата. Во Југоисточна Европа, како и во Северна Македонија, „Ептиса“ спроведува проекти од 2005 година, односно компанијата била дел од реализација на 275 проекти со вредност од 250 милиони евра. Сите проекти се спроведени на професионален начин во согласност со договорните услови. Во наведениот период Владата на Северна Македонија ја предводеа различни политички партии.

Во поглед на сопственоста, исто така, во јавноста беа споделени невистини и затоа мора да се нагласи дека „Ептиса“ е меѓународна компанија со седиште во Мадрид, Шпанија. „Ептиса“ делува како шпанска компанија – основана во Шпанија и правно и финансиски работи според шпанскиот правен, финансиски и управен систем. „Ептиса“ има канцеларии во повеќе од 50 земји низ светот.

„Ептиса“ е основана во 1956 година и се смета за една од најстабилните и најрелевантните консултантски, инженерски, архитектонски и информатичко- технолошки компании од Шпанија. За период од повеќе од 60 години работа, „Ептиса“ стана синоним за квалитет и професионализам, докажувајќи ја својата способност да одговори на барањата на сè покомплексниот и предизвикувачки пазар.

„Ептиса“ е во сопственост на JSTI GROUP, давател на инфраструктурни сеопфатни решенија. JSTI е основана во 1978 година и официјално котира на Shenzhen Stock Exchange (Stock Code: 300284). Во 2016 година, склучи стратешки сојуз со водечкиот светски давател на консултантски услуги „Ептиса“. Информациите што укажуваат на криминален капитал во сопственоста на компанијата се целосно лажни и навредливи.

Имајќи ги предвид сите горенаведени факти, „Ептиса“ уште еднаш целосно ги демантира информациите што изминативе денови се споделуваат од медиумите, како и од дел од политичките партии. Како компанија со глобално реноме, „Ептиса“ прави проценка на негативните ефекти врз нејзиниот углед и ќе ги искористи сите законски средства на располагање со цел тие штети да бидат надоместени.