Европскиот производител на авиони Ербас пријави голем пораст на приходите и профитот во првиот квартал благодарение на закрепнувањето на побарувачката од кризата со коронавирусот и најави зголемување на производството што до крајот на годината треба да ги надмине нивоата пред пандемијата.
Приходите на најголемиот светски производител на авиони се зголемија за 15 отсто во првите три месеци од оваа година на 12 милијарди евра.
Санкциите против Русија, сепак, го зедоа својот данок, во износ од околу 200 милиони евра, додаваат од компанијата.
Нето добивката се зголеми за повеќе од три пати во првиот квартал, на 1,2 милијарди евра.
– Резултатите од првиот квартал одразуваат солидни перформанси во нашиот бизнис со комерцијални авиони, хеликоптери и одбранбени авиони, изјави извршниот директор Гијом Фаури во извештајот објавен вчера.
Компанијата во периодот од јануари до март испорача 142 комерцијални авиони, а бруто нарачките се зголемија од 39 минатата година на 253 нарачани авиони. Кога ќе се исклучат откажаните зделки, нарачани се 83.