Ердоган разговараше со новинарите во авионот на враќање од турнејата низ земјите од Западен Балкан. Тој потсети на неговите претходни разговори со поранешната германска канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, во кои тие ги кажаа своите намери да ги затворат термоцентралите, па дури и нуклеарните централи и да се префрлат на обновлива енергија.
Турскиот претседател посочи дека на оваа тема разговарал и со актуелниот канцелар на Германија, Олаф Шолц, „кој бил цврст во намерата да не отстапува од курсот на неговата претходничка“.
Сепак, според Ердоган, ситуацијата е поинаква по суспензијата на рускиот гас. Европа не се чувствува толку комфорно и мирно како што се мисли дека е. Ситуацијата оди во многу поинаква насока, рече тој.
Според него, „Русија не ги донесе овие одлуки и не ги презеде овие чекори туку така“.
-Оваа зима нема да помине така лесно за Европа, ќе биде многу проблематична зима, а од финансиска гледна точка зимата ќе има многу тешки сметки, рече Ердоган.
Во исто време, тој увери дека Турција нема проблем со испораката на гас и Русија не воведува никакви санкции за неа. Тој посочи и дека имал разговори со руската страна за цената и дека ситуацијата за Турција, како што рече, може да стане уште подобра доколку руската страна покаже позитивен пристап кон Анкара.Исто така, Ердоган ја спомена и намерата на турската страна следната година да ги пушти во употреба сопствените наоѓалишта на гас откриени во Црното Море.