Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган денеска во Белград предупреди дека Русија не треба да се потценува и ја критикуваше политиката на Западот на поттикнување, која не може да доведе до решение, јави дописникот на МИА од Белград.
На новинарско прашање на прес-конференција со претседателот Александар Вучиќ, за тоа кој е виновен за тешката ситуација во Европа и како може да се надмине таа ситуација, Ердоган рече дека Турција секогаш водела избалансирана политика кон Русија и Украина и дека така ќе продолжи.
–Не морам да споменувам никакви имиња, но има неколку земји на Запад за кои мислиме дека нивниот пристап не е исправен. Тие водат политика заснована на поттикнување. Кога водите политика на провокација, не можете да постигнете резултати, објасни Ердоган.
Тој посочи дека не може да се именува победник од таа војна, бидејќи го нема, туку има само голем број на губитници.
Тој рече дека „не се гледаат резултати од приказните на оние кои велат дека ја поддржале Украина со голема сума пари“.
Во врска со испораката на муниција и оружје, Ердоган оцени дека тоа се остатоци кои Западот ги испраќа.
-Не можам да кажам дека Русија е победник или Украина, но досега ние се држевме до одредена политика и се обидуваме да ги видиме начините и да разбереме дали оваа војна може да заврши наскоро. За жал, гледам дека тоа не е можно, рече Ердоган и додаде дека грешат оние кои ја потценуваат Русија.
-Русија престана да испорачува гас и цената на гасот се зголеми. Сите сега се обидуваат да најдат начини да ја преживеат зимата. Зошто за ова не им текна порано. Русија има важен адут во свои раце, и никој претходно не размислуваше за тоа, а сега проверувате колку залиха имате. Кога имате агресивен пристап кон Русија, таа го користи оружјето со кое располага, објасни Ердоган.
Тој изрази надеж дека ќе се дојде до решение и војната ќе заврши, а кога ќе заврши светот повторно ќе живее во мир.
Во врска со оваа тема, Вучиќ одговори дека „е свесен дека засега не може да се случи компромисно решение на двете страни“.
-Најдоброто нешто би било да се стави крај на војната и двете страни да се стремат кон компромисно решение … Добро знам што се случува, кој колку сака нечиј пораз, а не баланс на сили или компромисно решение, нагласи претседателот на Србија.