Заменик – помошникот на државниот секретар на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар, рече дека зборувал со Франција која од први јануари го презеде шестмесечното претседателство со Европската унија, за што е можно поскоро започнување на пристапните преговори на С. Македонија со ЕУ.
-Веќе зборувавме со Франција. Ставивме јасно до знаење дека ние веруваме дека членството во ЕУ за сите држави од Западниот Балкан е од суштинско значење за сите нас. Веруваме дека тие се дел од Европа, веруваме дека како што ги исполнуваат условите со затворање на поглавјата треба да бидат се` повеќе интегрирани во ЕУ и мислиме дека тоа ќе биде решение за сите држави. Секоја држава што влегла во ЕУ станала подемократска, попросперитетна и постабилна”, изјави тој, за Гласот на Америка на македонски.
Според него, пристапниот процес на С. Македонија во ЕУ треба да го реши Европа. Сепак, додава тој, ние силно ја поддржуваме кандидатурата на С. Македонија за ЕУ, веруваме дека има завршено огромна работа, таа е веќе европска држава, културно и историски европска држава. -Оттаму, сакаме да видиме да го почне процесот што е можно побрзо, рече Ескобар.
Тој рече дека верува оти ЕУ не ја разочарала Северна Македонија, бидејќи и натаму продолжува да ѝ помага.
-Верувам дека ќе постигнеме соодветен договор за многу кус временски период. Ќе работиме на тоа”, уверува тој.
Ескобар смета дека шест месеци, како што најави бугарскиот премиер Кирил Петков за решавање на спорот со С. Македонија, се доволни да се решат проблемите, иако нагласи дека постои фрустрација меѓу европските партнери оти процесот не се одвива брзо.
Тој, исто така, рече дека САД остануваат на позицијата дека С. Македонија и Албанија не треба да се одвојуваат во процесот на пристапување во ЕУ.
-Нема промена во позицијата на САД. Веруваме дека двете држави ја завршија работата, двете држави се движат во вистинска насока, двете држави имаат европски фокус и ориентација, и сакаме да ги видиме да се движат заедно. Сакаме да видиме дека се движат заедно брзо, вели Ескобар.