Владата на денешната петта седница го одобри Договорот за деловно-техничка соработка со кој се регулираат меѓусебните права и обврски на Прокуристот како застапник на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), со што ЕСМ ќе се стекне со право да управува со сите деловни активности на топланата Скопје Север АД – Скопје, со сите трансакциски сметки на Скопје Север АД – Скопје, како и со наменската сметка, која што топланата ќе ја отвори исклучиво за потребите на овој Договор за деловно-техничка соработка.
Како што информира владината прес-служба, Договорот е одобрен врз основа на овластувањата од прогласената кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија.
-Договорот за реализација на деловно-техничка соработка има за цел да се обезбеди топлинска енергија за снабдување на жителите на Град Скопје, се наведува во соопштението.
Владата денеска донесе и Одлука со која се одобруваат текстовите на договорите со БЕГ и со топланата Скопје Север АД – Скопје и со која се одобрува работењето на Управниот одбор и на Надзорниот одбор на АД Електрани на Северна Македонија во државна сопственост, со БЕГ и со Друштвото за снабдување со пареа и топла вода Скопје Север АД – Скопје.