Од повикот за набавка на јаглен за РЕК Битола ќе биде потпишан договор за набавка на 90 илјади тони јаглен од Албанија, соопшти АД ЕСМ.
Според АД ЕСМ од деветтте фирми кои дале 14 понуди од различни рудници во Р. Северна Македонија и од регионот, дел од понуди не одговарале технички во однос на јагленот, додека дел имале недостатоци во економско-финансиската евалуација, односно во назначениот рок немаа доставено комплетна документација.
-Од тие причини, повторно ќе биде објавен отворен повик во времетраење на целата грејна сезона и очекуваме да се обезбедат дополните 810 илјади тони јаглен за РЕК Битола и 170 илјади тони за РЕК Осломеј, сопшти АД ЕСМ.
Отворениот повик ќе биде дополнителна можност за компаниите да ја комплетираат документацијата, како што е случајот со понудата на јаглен од Косово која ги задоволува техничките, финансиските и количинските барања на повикот. Економскиот оператор не успеа во првиот рок навремено да достави договор склучен со КЕК-државните електрани на Косово како испорачувач на јагленот, поради тековната промена на раководниот тим во косовските државни електрани. Сите економски оператори ќе имаат можност во текот на грејната сезона да доставуваат понуди, до обезбедување на бараните количини, потенцираат од компанијата.
АД ЕСМ, исто така, го засилува ископот на сопствен јаглен и со тоа ќе осигури производството на електрична енергија во текот на зимската сезона. Нивото на ископан јаглен на депонијата во РЕК Битола изнесува 200 илјади тони.