-Секое одлагање на набавка на електрична енергија во актуелните услови значи свесно ссоочување со фактот дека секој нареден ден таа ќе поскапува. Колку за пример, струјата на берза вчера се продаваше за 313 евра за мегават час. Денеска најверојатно пикот ќе биде 320 евра. Цената секојдневно расте и секое ненавремено снабдување со електрична енергија ќе има негативни економски ефекти, вели Манасков во разговор за локално. мк, коментирајки ја вчерашната одлука договорена меѓу РКЕ, ЕСМ, МЕПСО и претставници на Владата, јавниот повик кој го распиша ЕВН наместо до 25 ноември да продолжи до 2 декември.

Причината за полонгирање на рокот неофицијално се лоцира во државната ЕСМ која не може да достави понуда бидејќи не знае колку електрична енергија ќе може да произведе во услови на недостиг на јаглен. Манасков не верува дека ќе државната компанија ќе ги направи проценките и пресметките до 2 декември.

-Не станува збор за верување. Реалноста е дека домашното производство на електрична енергија е многу мало и не е доволно за да ги задоволи потребите на целата држава. Доколку Македонија не успее да обезбеди електрична енергија ќе биде приморана да воведе рестриктивни мерки или да ја покачи цената, дециден е Манасков.

Манасков нагорни корекции очекува и во делот на производствената цена на електрична енергија која во моментов изнесува 36 евра за мегават час.

-Веднаш да посочам дека цената од 36 евра е вештачка и овој износ државата ќе го “држи’’ до Нова Година. Препоставките се дека потоа таа ќе се покачи за најмалку 30 %.Проблемот е во тоа што немаме од каде да набавиме ефтина електрична енергија. Онаа што можеме да ја купиме ни ја продаваат за исклучително висока цена. Останувам на претходниот став дека единствено ни преостанува да се воведат рестриктивни мерки и да са намали ДДВ на струјата од 18% на 0% како за домаќинствата, така и за компаниите, вели Манасков.

Со јавниот повик кој го распиша универзалниот снабдувач на 19 ноемрви се бараат 3621 гигавати електрична енергија за 2022 год. Според Законот за енергетика ЕСМ треба да обезбеди најмалку 60% од потребите на домаќинствата и малите потрошувачи. Од Владата во неколку наврати потенцираа дека цената на електричната енергија ќе остане иста до крајот на годината но дали и колку ќе поскапи догодина остана отворено прашање бидејќи тоа ќе зависи од цената по која ќе се набави јаглен како и од цената по која ќе се увезе струјата. Дека електричната енергија треба да поскапи сугерираше и првиот човек на Европската енергетска заедница Јанез Копач кој пред десетина дена рече дека ваквите корекции на цената се неминовни со што според него ќе се генерираат средства за инвестирање во енергетскиот сектор.