АД Електрани на Македонија соопшти дека Блок 1 во РЕК Битола се санира во текот на денешниот и утрешниот ден и од страна на стручните екипи се отстрануваат пречките во делот на кондензаторот и на дел од цевководниот систем во постројката. Застојот е плански изведен за време на викендот поради вообичаено намалениот конзум, а потребите за електрична енергија на домаќинствата и малите потрошувачи непречено се задоволуваат.
Според ЕСМ, работниците во РЕК Битола непрекинато и со засилен интензитет ги изведуваат работите за санација на Блок 1, блокот се враќа на мрежа од понеделник, до крајот на неделата е планирано стартување на РЕК Осломеј, додека следната недела се вклучуваат ТЕЦ Неготино и Блок 3 на РЕК Битола, со што ќе бидат ставени во функција сите електрани во системот на АД ЕСМ или со кои АД ЕСМ има договор за деловно-техничка соработка.