Македонската и бугарската страна да не дозволат споровите во наредниот период да станат уште поголема пречка, бидејќи тоа ќе влијае долгорочно и на нашите односи, но и на идните односи во Унијата и регионот, порача вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.

Маричиќ, кој зборуваше на панелот „Западен Балкан и проширувањето на ЕУ – одраз на руската агресија врз Украина“ во рамки на „Балканскиот интегративен форум 2022“, изрази верување дека и бугарските политичари имаат извлечено поука од прашањето Северна Македонија.

Тој рече дека имаме добри сојузници во Бугарија, во сите политички партии, но за жал сè уште тензијата и антикампањата е голема, а врзана е, оцени, и за она што се случува во Украина.

-Сличните структури кои се против поддршката за Украина се и против Северна Македонија и преговорите со Европската Унија, напомена вицепремиерот.

-Ова е заедничка задача и од наша и од бугарска страна, да не дозволиме сите овие спорови во наредниот период да станат уште поголема препрека, бидејќи тоа дефинитивно ќе влијае долгорочно и на нашите односи, но и на идните односи во Унијата и регионот, посочи Маричиќ.

Според него, она што мора да се истакне за кризата во Украина е тоа што покажа дека во ова време е тешко да се остане неутрален и практично ги притисна сите држави на Европа да заземат јасен став.

Северна Македонија, потенцира вицепремиерот, е меѓу првите држави кои ја осудија агресијата на Украина, ги прифати санкциите кои ги воведе Европската Унија и стопроцентно се усогласи со надворешната политика на ЕУ.

„Балканскиот форум за интеграција 2022“, организиран од Фондацијата Фридрих Еберт и Европското движење во Црна Гора, се одржуваше во Подгорица, Црна Гора, од 17 до 18 ноември 2022 година.

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, учествуваше онлајн, а негови соговорници беа Ранко Кривокапиќ, поранешен претседател на Собранието на Црна Гора, Весна Пусиќ, поранешна пратеничка во хрватското Собрание, поранешниот министер за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Игор Црнадак, и Бошко Јакшиќ, новинар и колумнист.