Колку поблиску доаѓаат изборите, толку Ковачевски станува понервозен и па дури и параноичен. До сега му сметаше ВМРО-ДПМНЕ, сега му сметаат медиумите, а како што тргнало ќе му сметаат и граѓаните, се вели во партиското соопштение на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Изјавата на Ковачевски со која ги навредува и обвинува медиумите дека се продале, е во најмала рака безобразна. Тоа го докажува неговото недемократско лице и неговата омраза кон секој оној кој ја критикува работата на неговата влада. Но тоа не е се. Во скандалозните изјави на Ковачевски има и заканувачки контекст кон медиумите и медиумските работници. Израз од типот “ќе квицкаат по подруми“ не може да се толкува освен како обид да им се прати закана на медиумите, а во исто време и да ја покаже потсвеста на тој кој ја изговорил. Искрено сме загрижени дека ова не е лапсус, туку сериозен говор на омраза од страна на Ковачевски упатен кон голем број медиуми, затоа што не му е прв пат. Пред една година истиот Ковачевски етикетираше национални телевизии и правеше несоодветни компарации изговарани од прес центарот на Влада. Да потсетиме тогаш Ковачевски велеше:
-“Во државата има медиум, чија што уредувачка политика повеќе наликува на уредувачка политика на компанија која што тргува со енергенси, а има и медиум чија што уредувачка политика повеќе личи на уредувачка политика на партиски сектор за комуникација“. Што е ова ако не закана, заплашување, етикетирање на медиуми и поделба на подобни и неподобни. Ковачевски кому устата му е полна со Европски вредности, всушност е полн со омраза, фрустрации и комплекси. Ова е обид да се заплашат медиумите и на тој начин да се угуши слободата на говор и критика. Му порачуваме ако не може да се носи со критиката на функцијата која ја извршува, нека си замине, наместо да сее закани и навреди кон медиумите, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Ако не сака сам, тогаш граѓаните тоа ќе го направат на следните избори. Никогаш не било полошо како сега со власта на СДС и ДУИ. Затоа важно е да ги поразиме, порачаа од опозициската партија.