ЕУ го одобри преминот кон еврозоната, но со длабоки внатрешни поделби

Бугарија официјално доби поддршка од лидерите на Европската унија за да го воведе еврото како своја национална валута од 1 јануари 2026 година. Одлуката беше донесена на самитот во Брисел, каде што европските челници едногласно го прифатија предлогот на Европската комисија. По оваа етапа, остануваат уште консултациите со Европскиот парламент и Европската централна банка – чекори кои се сметаат за формалност.

Ако се реализира планот, Бугарија ќе стане 21-та земја членка на еврозоната и првата што се приклучува по Хрватска, која го усвои еврото во 2023 година. Со тоа, левата ќе замине во историјата, а Бугарија ќе се приклучи на заедничката валута што е во употреба од 1999 година.

Економски критериуми исполнети, но социјална поделеност

Иако економски гледано Бугарија ги исполнува клучните критериуми за членство во еврозоната – стабилна инфлација, јавни финансии и стабилен валутен курс – јавноста во земјата е длабоко поделена. Според Европската комисија, инфлацијата во земјата треба да се стабилизира на 3,6% во текот на оваа година и да падне на 1,8% во 2026, што е под дозволениот праг за еврозона.

Но, отпорот расте. Националистички и проруски групи организираа жестоки протести во Софија. Во февруари 2025 година беа фрлани молотови коктели и црвена боја врз зградата на ЕУ-претставништвото. Во мај, протестите продолжија, барајќи стопирање на евроинтеграцијата.

Иако беа собрани над 600.000 потписи за распишување референдум, бугарскиот парламент двапати го одби предлогот – еднаш во 2023 и повторно во мај 2025 година. Анкетите исто така покажуваат јасен отпор: според истражување на институтот „Мјара“ спроведено во мај, 54,9% од испитаниците се против воведувањето на еврото, додека само 34,4% го поддржуваат.

Одлука со историска тежина

И покрај отпорот, Бугарија останува на патот на евроинтеграција. Како членка на ЕУ од 2007 година, државата економски бележи надпросечен раст, иако сè уште е меѓу најсиромашните членки според БДП по глава на жител. Воведувањето на еврото се гледа како клучен чекор кон поголема економска стабилност, но и тест за довербата во институциите и ЕУ-патот.