Европската унија ги повика Азербејџан и Ерменија да се воздржат од насилство и остра реторика за време на последната рунда преговори во мировниот процес во кој Русија исто така се обидува да ја задржи водечката улога, пренесува агенцијата Танјуг, повикувајќи се на Ројтерс.

Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, во Брисел ги угости азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и ерменскиот премиер Никол Пашинјан, со цел да се стави крај на непријателствата што траат повеќе од три децении.

Две војни

Од распадот на Советскиот Сојуз, двете земји водеа две војни за Нагорно-Карабах, планинска енклава која е дел од Азербејџан, но е дом на околу 120.000 етнички Ерменци.

Ерменија наведува дека предложениот мировен договор треба да им обезбеди посебни права и да ја гарантира нивната безбедност. Азербејџанскиот министер за надворешни работи Џејхун Бајрамов го отфрли барањето во интервју за Ројтерс во јуни, велејќи дека тоа е непотребно и дека претставува мешање во работите на Азербејџан.

„Вистинскиот напредок зависи од следните чекори што треба да се преземат во блиска иднина. Како приоритет, насилството и острата реторика треба да престанат за да се обезбеди соодветна средина за преговори за мир и нормализација“, рече Мишел.

Директни преговори

Тој им рече на новинарите дека на населението на терен му требаат уверувања, пред се во однос на нивните права и безбедност. Мишел рече дека ЕУ, исто така, го охрабрила Азербејџан да разговара директно со Ерменците од Карабах за да се развие довербата меѓу двете страни.

Не е познато како реагирал Алиев на тоа, бидејќи и тој и Пашинјан си заминале без да им се обратат на новинарите.