ЕУ, САД и 18 други земји денеска издадоа заедничка изјава во која изразија „длабока загриженост за жените и девојчињата во Авганистан“, повикувајќи ги талибанците да ја гарантираат нивната безбедност.

– Ние сме длабоко загрижени за авганистанските жени и девојчиња, нивните права на образование, вработување и слобода на движење. Ги повикуваме оние кои имаат моќ и авторитет во цел Авганистан, да гарантираат нивна заштита. Авганистанските жени и девојчиња, како и сите Авганистанци, заслужуваат да живеат во мир, безбедност и достоинство. Секој вид на дискриминација и насилство мора да се спречи. Ние во меѓународната заедница сме подготвени да им помогнеме со хуманитарна помош и поддршка за да гарантираме дека нивниот глас може да се слушне, се вели во соопштението.

Заедно со ЕУ и САД, други потписници на декларацијата се Албанија, Аргентина, Австралија, Бразил, Канада, Чиле, Колумбија, Костарика, Еквадор, Ел Салвадор, Хондурас, Гватемала, Северна Македонија, Нов Зеланд, Норвешка, Парагвај, Сенегал и Швајцарија.

Тие внимателно ќе го следат начинот на кој „секоја идна влада ги гарантира правата и слободите кои станаа составен дел од животот на жените и девојчињата во Авганистан во текот на изминатите дваесет години“.

Изјавата доаѓа откако западните земји ги завршија летовите за евакуација од Кабул за нивните граѓани и за Авганистанците кои им помогнаа во изминатите две децении.

Последниот пат кога талибанците беа на власт, пред да бидат соборени при инвазијата предводена од САД во 2001 година, нивното владеење се карактеризираше со брутално толкување на исламот, што ги спречи авганистанските жени да работат или да учат, или да патуваат без маж „чувар“.

Откако викендов ненадејно ја презедоа власта, талибанците велат дека овој пат ќе се однесуваат поинаку и се обврзаа дека ќе ги почитуваат правата на жените „согласно принципите на исламот“.