Украина и Европската комисија ги договориле формата, роковите и потребните чекори за обезбедување средства за украинските финансиски и одбранбени потреби. Претседателот Володимир Зеленски денеска оцени дека дијалогот со Европската комисија дал „добри резултати“ во обезбедувањето финансиска поддршка за оваа и за следната година.
Договорот е постигнат во период кога војната со Русија навлегува во петтата година, а украинските трошоци за одбрана постојано се зголемуваат.
Според украинските претставници, на земјата ѝ недостигаат 27 милијарди долари за финансирање на одбранбените потреби за оваа година. За следната година ќе треба да бидат обезбедени дополнителни 32,6 милијарди долари за покривање на буџетскиот дефицит.
„Се договоривме за формата, временската рамка и за сите чекори што се неопходни за обезбедување целосно покривање“, напиша Зеленски во објава на „Телеграм“.
Во заедничкото соопштение на Европската комисија и Украина се наведува дека се утврдени мерките за покривање на украинските буџетски и одбранбени потреби за 2026 година.
„Денеска, благодарение на координираните заеднички напори, ги утврдивме мерките за покривање на буџетските и одбранбените потреби на Украина за 2026 година“, се истакнува во соопштението.
За 2027 година, двете страни се договориле брзо да дејствуваат за доделување 45 милијарди евра од заемот наменет за Украина, во согласност со утврдените услови.
„Ќе започнеме со работа и на утврдување на дополнителните буџетски и одбранбени потреби“, се додава во заедничката изјава.
Сите вклучени страни се согласиле дека и останатите партнери треба да ги исполнат своите финансиски обврски и да ги засилат напорите, имајќи ги предвид значителните предизвици со кои се соочува Украина.
Зеленски им се заблагодари на европските партнери за поддршката и соопшти дека во моментов се подготвуваат дополнителни мерки за зајакнување на земјата.
