Ќе се проширува производството на дронови

Украина и Европската Унија потпишаа договор за беспилотни летала, со кој ќе се овозможи заедничка реализација на проекти и проширување на производството преку поврзување на украинската експертиза со индустриските капацитети на земјите членки на ЕУ.

Договорот денеска во Киев го најави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, во обраќањето по повод Денот на државноста на Украина.

„Овој договор ќе ја комбинира украинската генијалност со индустриските капацитети на Европа“, изјави Фон дер Лајен.

Прв ваков договор со целата ЕУ

Фон дер Лајен истакна дека Европската Унија може да придонесе со својот технолошки и индустриски потенцијал, како и со безбедни и сигурни производствени капацитети.

Според неа, ова е првиот ваков договор што ги опфаќа земјите и компаниите од целата Европска Унија.

Претходно, за време на Самитот на НАТО во Анкара, Украина потпиша три слични договори со поединечни држави.

Зеленски ќе ја одликува Фон дер Лајен

Украина денеска го одбележува Денот на државноста, а во Киев се одржува Самитот Украина – Југоисточна Европа.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави дека ќе ја одликува Урсула фон дер Лајен со Орденот на Европа за, како што наведе, нејзините „исклучителни лични заслуги за помагање на Украина во одбрана на нејзината независност и безбедност на цела Европа“.