Романија доставила доверливи податоци до Брисел во рамките на истрагата на Европската комисија против платформата ТикТок, поврзана со поништените претседателски избори во земјата во 2024 година. Информацијата ја објави Диџи24, повикувајќи се на портпаролот на Европската комисија, Тома Рение.

Доколку се утврди дека ТикТок е одговорен за прекршувањата, платформата може да се соочи со казна до шест проценти од вкупниот глобален промет. Според истиот извор, се очекува истрагата да заврши до крајот на оваа или на почетокот на следната година.

Европската комисија во декември 2024 година покрена официјална постапка против ТикТок поради сомневања за прекршување на Законот за дигитални услуги на Европската Унија (DSA). Законот ги регулира нелегалните содржини, транспарентноста на финансирањето на рекламите и дезинформациите.

Постапката беше покрената откако Уставниот суд на Романија одлучи да го поништи првиот круг од претседателските избори. Одлуката следуваше по информации за можно странско мешање и сомневања за координирана кампања на ТикТок во корист на независниот кандидат за претседател од крајната десница, Калин Џорџеску.

Загриженоста на Европската комисија се однесува на функционирањето на алгоритмите за препорачување содржини на социјалната мрежа, како и на системот за политичко рекламирање, за кој е предвидено задолжително и јасно означување.