ЕУ ја одобри втората транша средства за Македонија во рамките на Инструментот за реформи и раст

Европската унија ја одобри втората транша средства за Република Македонија преку Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан, соопшти Министерството за европски прашања. Согласно Одлуката за спроведување на Европската комисија, земјава ќе добие нето износ од 16 милиони евра, кој претставува комбинација од неповратни средства и заем. Од нив, 7,4 милиони евра ќе бидат префрлени директно во државниот буџет, додека остатокот ќе се насочи кон инфраструктурни проекти преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).

Потврда за спроведените реформи и европските стандарди

Одлуката на Европската комисија следува по позитивната оценка за барањето поднесено од министерот за европски прашања Орхан Муртезани, кој е национален координатор за инструментот. Комисијата утврди дека Северна Македонија ги исполнува предусловите за добивање на средствата – демократско владеење, владеење на правото, макроекономска стабилност и добро управување со јавните финансии.

Напредок во дигитализацијата и деловната средина

Во рамките на Реформската агенда 2024–2027 година, Македонија има пријавено исполнување на девет од вкупно шеснаесет чекори. Европската комисија потврди дека четири од нив се целосно реализирани – три во областа на дигитализацијата и еден во подобрување на деловната клима. Реализирани се нови закони за безбедност на мрежи и информациски системи (усогласен со директивата NIS2), за електронски документи и дигитален идентитет, како и за електронско архивирање. Дополнително, е потврден напредок во борбата против неформалната економија преку зголемени инспекциски активности.

За преостанатите чекори, Европската комисија одобри продолжен рок за нивна имплементација до јуни 2026 година.