Целта на предложената директива е поефективна заштита на животната средина, со што членките ќе имаат обврска да преземаат мерки од областа на кривичното право во борбата против загадувањето.
Со предлогот се дефинираат нови кривични дела во заштитата на животната средина, се утврдуваат минимални санкции и се зајакнува ефикасноста на соработката меѓу органите на прогонот.
Членките на ЕУ исто така се обврзуваат да ги поддржат и да им помогнат на луѓето кои пријавуваат еколошки прекршоци и на соработка со агенциите за спроведување на законот. Според Комисијата, тој предлог ќе помогне да се заштитат природата и природните ресурси, како и јавното здравје и благосостојба.
Во предлогот за директивата се наведуваат нови кривични дела во врска со животната средина, вклучително и нелегална трговија со дрва, рециклирање бродови или зафаќање на вода.
Комисијата, како што наведе, предложила да се определат заеднички минимални санкции за еколошки криминал – на пример кога кривично дело предизвикува или може да предизвика смрт или сериозна повреда на некое лице, членките на ЕУ мора да предвидат најмалку десет години затвор.
Нацртот предвидува и дополнителни санкции, вклучително и обврска за обновување на природата, укинување пристап до јавните фондови и јавни набавки или повлекување дозволи.
Предлогот исто така има за цел да ја подобри ефикасноста на истрагите и кривичните постапки и обезбедува поддршка за инспекторите, полицијата, обвинителите и судиите преку обука, координација и соработка, како и подобро собирање податоци и статистика.
Се наведува дека новата директива ќе придонесе за подобрување на прекуграничните истраги и гонења. Имено, еколошкиот криминал често погодува неколку земји, како во случајот со нелегалната трговија со диви животни, или има прекугранични ефекти, како во случајот со прекугранично загадување на воздухот, водата или почвата.
Комисијата, исто така, најави дека ќе продолжи да ги поддржува членките на ЕУ на повеќе начини и оти, со оглед на тоа што еколошкиот криминал е глобален феномен, ќе продолжи да ја поддржува меѓународната соработка во оваа област.
Потпретседателот на Комисијата за Европски зелен договор Франс Тимерманс рече дека неказнивоста на оние кои го прекршуваат законот ги поткопува колективните напори за заштита на природата и биодиверзитетот, како и борбата против климатските промени, за намалување на загадувањето и елиминирање на отпадот.
– На сериозните злоупотреби мора сериозно да се одговори, а новиот предлог ја поставува основата за тоа, посочи Тимерманс.
Предлог-законот сега ќе биде испратен до Европскиот парламент и до Советот.