Европската Унија мора да најде начин да ги приближи Украина и земјите од Западен Балкан пред нивното полноправно членство, смета германскиот канцелар Фридрих Мерц. Тој останува зад предлогот за воведување преодни модели на интеграција, со кои кандидатите постепено би добивале пристап до европските институции и единствениот пазар.

Мерц изјави дека идејата наишла на различни реакции во Украина, главно поради внатрешнополитички причини, но дека била добро прифатена од повеќе лидери на ЕУ. Според него, Унијата не смее и натаму да им ветува членство на државите кандидати без да покаже видлив напредок во процесот.

„Цели 13 години не сме примиле ниту една нова членка во ЕУ, иако на цела низа европски земји им ветивме пристапување“, рече германскиот канцелар. Тој оцени дека повлекувањето на дадените ветувања би било најлошото можно решение и би ја поткопало довербата во Европската Унија.

Како поприфатлива можност, Мерц предлага постепено придвижување на кандидатите кон членство, преку конкретни права и обврски во секоја следна фаза. Името на моделот, според него, е помалку важно од потребата ЕУ да го зачува кредибилитетот и геополитичкото влијание во соседството.

„Ако го изгубиме кредибилитетот, ќе ги изгубиме и тие земји. Од геополитички аспект, тоа би било најлошото што може да им се случи на Европејците“, предупреди Мерц.

Предлогот бил доставен до лидерите на ЕУ во форма на нон-пејпер на 18 мај. Со него се предвидува забрзана интеграција и воведување преодни статуси за земјите кандидати додека ги исполнуваат условите за полноправно членство.

За земјите од Западен Балкан и за Молдавија се предлага статус на набљудувач во дел од европските тела, како и повластен пристап до единствениот пазар и институциите на ЕУ. Украина, пак, би добила статус на придружна членка, со можност да учествува на состаноци и да отвора преговарачки поглавја, но без право на глас.

Мерц призна дека пристапувањето во ЕУ е сложен процес што не може секогаш да напредува со посакуваното темпо. Сепак, тој нагласи дека Унијата мора да понуди видлива перспектива и конкретни чекори доколку сака да остане доследна на ветувањата дадени на кандидатите.