Администрацијата на Доналд Трамп разгледува воведување санкции против европски официјални лица кои го спроведуваат Законот за дигитални услуги. САД сметаат дека законот ја потиснува слободата на говор.

Набрзо по постигнувањето трговско примирје со Доналд Трамп, Европската Унија повторно се најде на нишан на американскиот лидер, откако тој се закани дека ќе ги казни земјите кои се обидуваат да ја ограничат моќта на големите технолошки компании.

Брисел усвои моќен правен арсенал насочен кон зауздување на технолошките гиганти, главно преку Законот за дигитални пазари (DMA), кој се однесува на конкуренцијата, и Законот за дигитални услуги (DSA), кој се фокусира на модерирање на содржина.

ЕУ веќе изрече високи казни на американски корпорации како Мета и Епл, според новите правила, кои наидоа на силен отпор од администрацијата на Трамп.

Трговскиот претставник на ЕУ, Марош Шефчович, минатата недела инсистираше дека Брисел успешно „ги држеше овие прашања надвор од трговските преговори“ со Вашингтон и дека „регулаторната автономија“ на Унијата не е предмет на дискусија.

Но, иако не ја спомена ЕУ експлицитно, американскиот лидер во понеделникот (25.08) внесе нова неизвесност, заканувајќи се со нови тарифи за земјите со регулативи кои, според него, имаат за цел да „наштетат“ на американската технологија.

Потиснување на конзервативните гласови

Размислувањата во администрацијата на одат во насока на воведување санкции против Европската Унија или официјални лица од земјите-членки кои се одговорни за спроведување на Законот за дигитални услуги (ДСА).

Таквиот потег би бил без преседан и би ја засилил борбата на администрацијата на Трамп против она што таа го смета за обид на Европа да ги потисне конзервативните гласови.

Високи претставници на Стејт департментот сè уште не донеле конечна одлука дали да продолжат со казнените мерки, кои најверојатно би се манифестирале преку визни ограничувања, велат изворите.

Не е јасно кои официјални лица од ЕУ или земјите-членки би биле цел на овие мерки, но американски претставници минатата недела одржале интерни состаноци на оваа тема, велат изворите.

Трамп во понеделник им се закани на земјите кои имаат дигитални даноци со „дополнителни тарифи“ на нивните производи, ако не ја укинат таквата легислатива.

Иако трговските партнери често се жалат на домашни правила кои ги сметаат за неправедно рестриктивни, санкционирањето на владини претставници поради таква регулатива е исклучително ретко. Односите меѓу администрацијата на Трамп и Европската Унија веќе се нарушени поради закани со тарифи и напнати преговори, како и критики од САД за третманот на американските технолошки компании.

Повикувајќи се на внатрешна депеша од Стејт департментот, Ројтерс овој месец објави дека администрацијата на Трамп им наредила на американските дипломати во Европа да започнат лоби кампања за да изградат отпор кон Законот за дигитални услуги, со цел да се измени или укине.

„Неоправдани“ ограничувања

ДСА на ЕУ има за цел да го направи онлајн просторот побезбеден, делумно преку обврзување на технолошките гиганти да преземат повеќе активности против незаконска содржина, вклучувајќи говор на омраза и материјали за сексуална злоупотреба на деца.

Вашингтон тврди дека ЕУ спроведува „неоправдани“ ограничувања на слободата на изразување во обидите да се бори против говор на омраза, дезинформации и лажни информации, и дека ДСА дополнително ги засилува овие ограничувања.

Во директива од почетокот на август, државниот секретар Марко Рубио им нареди на американските дипломати редовно да комуницираат со владите на ЕУ и со властите за дигитални услуги за да ги пренесат американските грижи за DSA и финансиските трошоци за американските компании.

Во мај, Рубио се закани со забрана за визи за лица кои „цензурираат“ говор на Американци, вклучително и на социјалните мрежи, и предложи дека политиката може да ги таргетира странските официјални лица кои ги регулираат американските технолошки компании.

Високи американски претставници, вклучително и потпретседателот Џеј Ди Венс, повеќепати ги нападнаа европските официјални лица и регулативи, обвинувајќи ги за „цензурирање“ на Американци, обвинување кое ЕУ го отфрла.

Во февруари, на конференција која обично е позната по демонстрации на трансатлантско единство, Венс ги шокира европските лидери обвинувајќи ги дека го цензурираат говорот на групи како десничарската партија АфД во Германија и дека назадуваат во демократијата.

Преземено од DW