Доколку не изврши промени во судството, Европската Унија на Полска нема да ѝ го исплати најголемиот дел од средствата за развој во вредност од 75 милијарди евра, што се наменети за неа до 2027 година, изјави денеска портпаролот на Европската комисија.
Поради лошиот правосуден систем во Полска, ЕК веќе замрзна околу 35 милијарди евра доделени на државата од заедничкиот фонд за економско поттикнување на ЕУ за помош на економиите да закрепнат од падот предизвикан со пандемијата од коронавирусот.
Комисијата сега предупреди дека доведени се во прашање речиси сите таканаречени кохезиони фондови на Полска, од заедничкиот буџет на блокот од 27 членки за периодот од 2021 до 2027 година, бидејќи Варшава не ги исполнува демократските стандарди за независноста на судството.
– Поради неусогласување, Комисијата не може да изврши надокнада за полските побарувања, истакна портпаролот Стефан де Керсмакер.
Тој појасни оти единствен исклучок е мал дел пари наменет за техничка помош за донесување развојни проекти, а не за нивна реализација.
Владејачката полска партија Право и правда, на власт од 2015 година, ги реформираше полските судови. Притоа, некои судии кои ја критикуваа Владата беа сменети, а оние кои ја поддржуваат власта се унапредија на највисоки позиции.