Учесниците заклучиле, очекувано, дека Западниот Балкан и Турција се соочиле со криза без преседан, исто како земјите од ЕУ, од започнувањето на пандемијата од Ковид-19.

ЕУ истакнала дека покажала солидарност со земјите преку финансиска помош и медицинска асистенција.

-Учесниците ги поздравија навремените фискални и монетарни мерки на поддршка усвоени од Западниот Балкан и Турција за ублажување на последиците од пандемијата врз растот, вработеноста и социјалната кохезија преку таргетирани, привремени и транспарентни фискални и финансиски мерки додека не биде цврсто етаблирано самоодржливо закрепнување, стои во заклучоците од средбата помеѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан и Турција.

По кризата земјите се очекува да го продолжат овој дијалог со ЕУ кој треба да игра “централна улога“ во економското заздравување и да им помогне на земјите да ги исполнат условите за придружување кон ЕУ.

-За да се зајакне економската отпорност на долг рок мерките треба да ги поттикнат дигиталната и зелената трансформација, заклучиле учесниците.

На среден рок Западен Балкан и Турција се охрабруваат да воведат мерки што ќе ги “подобрат нивните макроекономски, буџетски и структурни политики“.