Новите мерки на Европската Унија кон евтините производи што се испраќаат преку интернет-платформи веќе покажуваат конкретни резултати. Француските царински податоци укажуваат на значително намалување на бројот на мали пратки што пристигнуваат од Кина, откако од 1 јули почна примената на новата европска давачка.

Според информациите објавени од француското Министерство за економија, обемот на увозот преку мали пратки е намален за околу 30 до 40 проценти.

Мерката првенствено ги погодува големите азиски платформи за онлајн трговија, преку кои огромен број евтини производи се пласираат на европскиот пазар. Меѓу најпогодените се очекува да бидат Shein, Temu и AliExpress.

Францускиот министер за економија Ролан Лескур ја поздрави промената и оцени дека примерот покажува оти европските институции можат да влијаат врз трговските текови со Кина.

„Ништо не е невозможно кога се соочуваме со Кина“, изјави Лескур, според „Фигаро“.

Франција претходно се обиде самостојно да го ограничи приливот на евтини пратки со воведување дополнителна давачка, но ефектот не бил на посакуваното ниво.

Ситуацијата се промени по воведувањето на европската мерка, која важи од 1 јули. Француските власти сега регистрираат значителен пад на увозот, што се оценува како показател дека новиот пристап има поголемо влијание.

Европската Унија во изминатиот период засилено ги разгледува условите под кои функционираат големите платформи за електронска трговија од Азија. Целта е да се намали приливот на многу евтини производи, но и да се создадат порамноправни услови за европските компании кои се соочуваат со поинакви даночни и регулаторни обврски.

Првичните податоци од Франција покажуваат дека новите правила веќе имаат директен ефект врз бројот на пратки што се упатуваат кон европскиот пазар.