ЕУ предлага укинување на ослободувањето од царина за пратки под 150 евра

Советот за економски и финансиски прашања на Европската Унија предложи измени на царинската регулатива со кои би се укинало важечкото правило за ослободување од царински давачки за стоки од трети земји со вредност до 150 евра. Ако регулативата биде усвоена, секоја нарачка од платформи како Тему, Шеин или АлиЕкспрес ќе подлежи на царина, без оглед на цената на пратката.

Мерката би требало да важи од 2026 година

Министрите за финансии на земјите членки оцениле дека промената треба да стапи во сила што е можно поскоро, со цел новите правила да важат веќе во 2026 година. Во моментов, европските граѓани не плаќаат царина за пратки до 150 евра – услов што во 2024 година покривал 65% од 4,6 милијарди пратки во ЕУ, од кои дури 91% доаѓале од Кина.

Целта е еднакви пазарни услови и намалување на нелојална конкуренција

Според Советот, укинувањето на оваа привилегија ќе создаде пофер услови меѓу европските и странските трговци, ќе ја намали нелојалната конкуренција и ќе придонесе во справувањето со еколошките предизвици предизвикани од големиот број мали пратки. Иако првично беше планирано правилото да се воведе по отворањето на новиот централен дигитален Царински центар на ЕУ во 2028 година, забрзаниот раст на увозот преку кинеските платформи го забрза процесот.