Мирот на Блискиот исток е приориет за ЕУ, па затоа денеска беше претставен мировен план од 10 точки и решение со две држави за ставање крај на израелско-палестинскиот конфликт.
На состанокот на Советот за надворешни работи во Брисел, шефот на европската дипломатија Борел елаборира за долгорочно решение на Блискиот Исток.
„Мораме да престанеме да зборуваме за мирот, мировниот процес и да почнеме поконкретно да зборуваме за процесот на решение за две држави. Знам дека тие имаат поинаков став. И генералниот секретар на ООН беше конкретен дека е неприфатливо да се каже-не го сакаме ова решение, бидејќи тоа е решение одобрено од ООН и целата меѓународна заедница. И токму затоа мора да разговараме. Затоа сме овде“, изјави Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика.
Целосна нормализација на односите меѓу Израел и арапските држави нема да биде можна доколку Тел Авив континуирано и пркоси на меѓународната заедница, предупреди Јордан.
„Израел не може да има безбедност сè додека на Палестинците им се ускратени нивните права. Конфликтот ги поткопа интересите на сите умерени и ја ослабна позицијата на меѓународните актери преку нивната неможност да ги прекинат борбите“, изјави Ајман Сафади, министер за надворешни работи на Јордан.
Израелскиот премиер Нетанјаху претходно изјави дека повоените планови за палестинска државност се неприфатливи. За Израел е најважно да се осигура дека Газа повеќе нема да претставува закана.
„Цврсто стојам на мојот став наспроти големите меѓународни и внатрешни притисоци. Моето инсистирање е тоа што со години го спречуваше формирањето палестинска држава која би претставувала егзистенцијална опасност за Израел. Ако некој има поинаков став, нека покаже лидерство и чесно да го каже својот став пред граѓаните на Израел“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Војната меѓу Израел и Хамас нема да се реши со употреба на оружје-со ист став Франција, Ирска, Белгија и Летонија.
„Решението за две држави е наша политичка перспектива, и по тоа прашање загрижувачки се изјавите на Нетанјаху дека ќе има потреба од палестинска држава со безбедносни гаранции за сите. Тоа се две теми“, изјави Стефан Сежурн, француски министер за надворешни работи.
На агендата на Советот за надворешни работи и руската агресија врз Украина. Украинскиот претседател Зеленски изјави дека ќе има поголема интеракција и комуникација со Европската унија и најблиските соседи на Украина во наредните недели. Во исто време, во Њујорк состанок на Советот за безбедност на кој ќе учествува шефот на руската дипломатија Лавров.
Извор: МРТ