Одлуката на Европската комисија да ја казни социјалната платформа X со 120 милиони евра предизвика жестока реакција од нејзиниот сопственик Илон Маск, кој директно ја нападна Европската унија и нејзината институционална улога.

Маск преку објава на X порача дека Европската унија треба да биде укината, а суверенитетот да им се врати на поединечните држави, со цел владите подобро да ги претставуваат своите граѓани.

„ЕУ треба да се укине и суверенитетот да се врати на поединечните земји, за владите подобро да можат да го претставуваат својот народ. Бирократијата на ЕУ полека ја задушува Европа до смрт“, напиша Маск.

Европската комисија вчера донесе одлука X да биде казнета со 120 милиони евра, односно околу 140 милиони американски долари, поради кршење на правилата за транспарентност. Според Комисијата, платформата лажно ги авторизирала корисничките профили со сини ознаки, не обезбедила пристап до податоци за истражувачите и не ги документирала транспарентно рекламите што се објавувале на платформата.

Од Брисел соопштија дека изречената казна е пропорционална на утврдените прекршувања.

Реакции стигнаа и од САД. Американскиот државен секретар Марко Рубио остро ја критикуваше одлуката, оценувајќи дека таа не е насочена само кон X.

„Казната од 140 милиони долари од Европската комисија не е само напад врз X, туку напад врз сите американски технолошки платформи и врз американскиот народ од страна на странски влади“, објави Рубио на X.

Засега, Маск не соопшти дали ќе покрене правна постапка против одлуката на Европската комисија. Сепак, неговата објава за ЕУ ја закачи на врвот на својот профил, што ја прави прва содржина што ја гледаат посетителите на неговата страница.