Патувања без печат, со дигитална евиденција

Од 12 октомври 2025 година, Европската Унија почнува со постепено воведување на Системот за влез/излез (EES), кој ќе биде целосно активен до април 2026 година. Новиот систем ќе ги замени традиционалните печати во пасошите со електронска евиденција на биометриски податоци, како што се отпечатоци од прсти и фотографии, заедно со точни записи за датумите на влез и излез.

Кој го користи EES и каде важи?
EES ќе се применува за сите патници од земји кои не се членки на ЕУ или Шенген зоната и кои престојуваат до 90 дена во период од 180 дена. Ова ги опфаќа патниците ослободени од виза и оние со виза за краток престој. Граѓаните на земјите-членки на ЕУ и Шенген зоната не подлежат на новиот систем.

Системот ќе биде активен на сите надворешни гранични премини на 29 земји, меѓу кои: Грција, Бугарија, Австрија, Германија, Франција, Италија, Шпанија, Шведска, како и Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн.

Цели и бенефити од воведувањето
Со воведувањето на EES, ЕУ очекува:

-зголемена безбедност преку откривање на фалсификувани документи и идентитетски измами;

-подобра борба против криминал, тероризам и нелегална миграција;

-побрзи и поефикасни гранични проверки;

-прецизна дигитална евиденција на времетраењето на престојот, елиминирајќи недоразбирања од порано.

Како ќе функционира системот?
При првото патување, патниците ќе поминат процес на регистрација, кој вклучува фотографирање, скенирање на отпечатоци и внес на податоците од пасошот. Пунктовите за самопослужување и можноста за претходно предрегистрирање преку мобилни апликации ќе го олеснат процесот. Следните патувања ќе бидат побрзи бидејќи податоците веќе ќе бидат складирани и само ќе се проверуваат.

Период на транзиција и заштита на податоците
Системот ќе се воведува по фази од октомври 2025 до април 2026 година. Додека дел од патниците сè уште ќе добиваат печат во пасошите, постепено сите гранични премини ќе преминат на целосна дигитална евиденција. Од 10 април 2026, печатите ќе бидат целосно заменети со електронски записи.

Сите лични податоци ќе се обработуваат според строгите стандарди на ЕУ и регулативата GDPR, обезбедувајќи целосна заштита на приватноста.

Апел до граѓаните
Министерството за внатрешни работи апелира до македонските граѓани кои патуваат во Шенген зоната да се информираат за новите правила и постапки, за да ги избегнат непотребни доцнења и да патуваат безбедно и навремено.