Од 12 октомври, при првиот влез во Европската унија, македонските државјани ќе мора да поминат низ целосна биометриска регистрација, која подразбира фотографирање, скенирање отпечатоци и внесување на податоците од пасошот во новиот Систем за влез и излез (EES). Со тоа постепено ќе се напушти системот на печати во патните исправи, информира Министерството за внатрешни работи.

Според најавите, процесот ќе се спроведува етапно. Кај дел од патниците печатите ќе останат и по 12 октомври, а целосната дигитализација е планирана да заврши до 10 април 2026 година.

„Доколку преминувате во Шенген зоната за прв пат од воведувањето на Системот за влез и излез (EES), ќе поминете низ целосен процес на регистрација. Ова вклучува: Скенирање на отпечаток од прст, Фотографирање на лицето, Собирање податоци од пасошот, како што се вашето целосно име, датум на раѓање и број на патна исправа,“ велат од МВР.

Од Министерството потенцираат дека податоците ќе се обработуваат под строги европски правила за заштита на лични информации.

„Системот за излез и влез (EES) е целосно усогласен со строгите закони за приватност на ЕУ, вклучително и Општата регулатива за заштита на податоци (GDPR). Системот ги следи принципите како што се ограничување на целта, минимизирање на податоците и пропорционалност, што значи дека вашите податоци се собираат само за легитимни цели на гранично управување и се чуваат толку долго колку што е потребно,“ наведуваат од МВР.

Еден од главните бенефити е поедноставување на преминувањето граници преку автоматизација и самопослужувачки пунктови, што ќе го намали времето за рачни проверки.

„Иако првата фаза на имплементација може да предизвика одредени доцнења додека патниците ги регистрираат своите биометриски податоци, долгорочната придобивка ќе биде побрзо преминување на границите и попредвидливи патнички искуства. Со текот на времето, ќе забележите пократко време на чекање, особено ако сте чест посетител на Европа,“ велат од МВР.

Биометриските податоци, според планираното, ќе се чуваат три години од последниот влез или излез во земја членка на ЕУ. За членовите на семејства на државјани на Унијата важат посебни правила со пократки периоди на чување, во согласност со нивното право на слободно движење.