Граѓаните од ризичните групи може да се пријавуваат за бесплатна вакцинација против сезонски грип на линкот https://vakcinacija.mk/mk/registration-flu, соопшти Министерството за здравство.

Со пополнување на формата на интернет-страницата, како што се посочува, граѓаните се регистрираат за вакцинација директно во системот „Мој термин“, по што, во согласност со распоредот предвиден во планот за вакцинација, ќе добијат СМС-порака со информација за точниот датум и час кога треба да се вакцинираат на пунктот што ќе го изберат при регистрацијата.

Бесплатната вакцинација против сезонски грип е наменета за следните ризични групи: лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, како и деца на возраст од шест месеци до пет години. Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна мерка за превенција на грип, која спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход, особено кај ризичните групи – информираат од Министерството.