Димитар Спасов, 35-годишен осуденик од Неготино, е лицето кое со стаклено шише усмрти друг осуденик во судскиот оддел на ЈЗУ „Психијатриска болница Скопје“ во Бардовци.

Инцидентот се случил ноќеска, околу 50 минути по полноќ, по физичка пресметка помеѓу Спасов и 62-годишниот И.Т. од скопското село Љубанци. Според полицискиот билтен, по неколку удари со стаклено шише, И.Т. изгубил свест и бил пренесен во Ургентниот центар при Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде во 02:20 часот лекарите констатирале смрт. По наредба на јавен обвинител, телото е предадено на обдукција. Спасов е задржан во собата каде што се случил нападот.

Спасов е осуден за кривично дело „убиство“, а жртвата И.Т. отслужувал казна за „семејно насилство“.

Убиецот од Бардовци ѝ е познат на јавноста уште од 2012 година, кога на 23-годишна возраст ја уби својата мајка во нивниот стан во центарот на Неготино. Неофицијално, тогаш 57-годишната жена имала десетина убоди од нож по вратот, стомакот и градите. Во летната ноќ, комунални работници забележале маж како во контејнер фрла женско тело облеано во крв.

Според тогашните медиумски извештаи, Спасов наводно признал дека ја убил мајка му, а како оружје била користена сабјарка. Исто така, неофицијално се дозна дека на социјалната мрежа Фејсбук се пофалил за злосторството. Во тоа време, студирал на Факултетот за физичка култура во Скопје и тренирал кикбокс. Неговата мајка работела како хигиеничарка во здравствен дом, а татко му, стоматолог, починал неколку години претходно.

Димитар Спасов има повеќе Фејсбук профили од кој редовно постира, а на некои видеа врши насилство врз други осуденици.

 

Убиецот од Бардовци