Полицијата уапси маж од Јута, осомничен за убиството на конзервативниот активист Чарли Кирк, а клучна улога во неговото предавање одиграл неговиот татко, објави CNN повикувајќи се на извори блиски до истрагата.
Според информациите, 22-годишниот Тајлер Робинсон му признал на својот татко дека е одговорен за пукањето. Таткото веднаш ја известил полицијата, го спречил синот да избега и соработувал со властите сè до моментот на официјалното апсење.
Гувернерот на Јута, Спенсер Кокс, потврди дека осомничениот е Робинсон и додаде дека токму таткото го препознал својот син на видеата и фотографиите објавени во јавноста. „Тој одигра клучна улога – не само што го охрабри синот да се предаде, туку и помогна во процесот на апсење“, рече Кокс.
Во процесот бил вклучен и свештеник кому таткото се обратил за помош; преку него бил воспоставен контакт со органите за спроведување на законот.
Истрагата дошла и до содржина од комуникациите на Робинсон со неговиот цимер на „Дискорд“. Во пораките се споменувале складирање оружје, оставање пушка во грмушка, куршуми со гравирања и потреба да се пресоблече по нападот. Цимерот првично мислел дека пораките се шега, но подоцна информациите ги предал на истражителите.
Членови на семејството изјавиле дека Робинсон во последните години станал политички поактивен и имал изразено негативни ставови кон Кирк и неговите јавни настапи. „Кирк е полн со омраза и шири омраза“, изјавил еден од блиските роднини, според Кокс.
Властите потврдиле и дека член на семејството му кажал на семеен пријател дека Робинсон имплицирал оти го извршил делото, по што тој пријател ја известил полицијата. При претрес биле пронајдени пушка и куршуми со написи „Еј фашист! Фати!“ и „Бела Чао“.
Робинсон се предал во градот Вашингтон, во југозападна Јута, околу 420 километри од Солт Лејк Сити. Канцеларијата на гувернерот на Јута објави негови фотографии по апсењето.
Надлежните најавија дополнителни информации за истрагата во наредниот период.