Новиот граничен премин Пулевац на македонско-грчката граница бил во фокусот на разговорите помеѓу евроамбасадорот Дејвид Гир и кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, на денешната средба во Кавадарци. Јанчев информираше дека меѓу другото било разговарано за функционирањето на локалната самоуправа. Тој потсети дека ЕУ е голем поддржувач на општината. Но, се разговарало и за Преспанскиот договор и претпристапните преговори и фондови на ЕУ.

Евроамбасадорот Дејвид Гир, освен со градоначалникот Митко Јанчев, се сретна и со советниците во Советот на општината, со претставници на невладините организации, а беше гостин и во Вински музеј. Во изјава за медиумите, тој изрази задоволство од доаѓањето во Кавадарци. Гир информираше дека посетата има три цели и се осврна на секоја од нив. Да се искаже пријателството што ЕУ го има кон оваа општина, за која, како што нагласи, има обезбедено финансиска поддршка за многу проекти. Во сферата на земјоделство, образование, здравство, прекугранична соработка.

-Втората цел е многу обична, многу едноставна. Да ги слушнеме граѓаните. Како претставници на ЕУ, третата цел е да се објаснува значењето на пристапниот процес, придобивките што ги носи, но и која е улогата на централната и локалната власт и граѓаните, изјави евроамбасадорот.