По барање на реакција за оставката на премиерот Заев, од Европската комисија кусо прокоментираа дека земјата „треба да продолжи со реформите за ЕУ“, без повеќе детали.
Што се однесува до самите избори, Европската комисија смета дека врз основа на извештајот на ОБСЕ/ОДИХР изборите биле конкурентни и дека се почитувале темелните слободи. Изборната администрација е пофалена за справувањето се „некои административни недостатоци од првиот круг“.
– Сепак негативната реторика и наводите дека имало притисоци врз гласачите и кандидати продолжија да влијаат врз изборите, изјави за МИА, портпаролката на Европската Комисија, Ана Писонеро.
Комисијата бара од властите и сите инволвирани чинители „навремено и на инклузивен начин ефективно да се справат со преостанатите препораки на ОБСЕ/ОДИХР“.
– Ги охрабруваме новите градоначалници и членовите на општинските совети да придонесат кон напредување на ЕУ агендата за реформи во интерес на сите граѓани, велат од Брисел.
На прашање дали Европската Унија чувствува било каква одговорност за изборните резултати и оставката на премиерот поради блокираните евроинтеграции, Европската Комисија не даде одговор.