Европа денес има потреба од Западен Балкан колку што и ние имаме потреба од неа, а можеби и повеќе. Нашиот регион е во многу подобра позиција отколку пред неколку години и време е политички да стане дел од европското семејство, изјави албанскиот премиер Еди Рама во интервју за „Еуроњуз Србија“. Тој смета дека земјите од Западен Балкан повеќе не треба да бидат оставени настрана од европските процеси.

– Европа денес има потреба од нас исто колку што и ние имаме потреба од неа. Ние сме важен дел од сложувалката што треба да го надополни европскиот мозаик. Не е одржливо да нè држи надвор од својата куќа и да не сме присутни на масата каде што се носат одлуките. Треба политички да бидеме обединети, како едно семејство – рече Рама. Тој предложи седумте држави што активно преговараат за членство во Европската Унија да учествуваат на заеднички политички состаноци, иако самото членство, како што нагласи, ќе остане индивидуален процес заснован на заслуги.

За да ја објасни идејата, Рама употреби семејна аналогија, според која претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен е „мајката“, а нејзините „седум деца“ се Албанија, Црна Гора, Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Украина и Молдавија.

– Не зборувам за членството, туку за политичко единство. Треба сите да седнеме на иста маса, како семејство – порача тој.

Осврнувајќи се на односите со Русија и Кина, Рама рече дека Албанија нема практична соработка со Москва, а ниту блиски врски со Пекинг.

– Имаме дипломатски односи со Русија, но не и практични. Со Кина ситуацијата е малку поинаква, но ниту таму немаме блиски односи. Ние цврсто сме определени за западниот пат и не чувствуваме дека нешто ни недостига. Во тој поглед ние Албанците сме некој вид прозападни Талибани – изјави Рама.

Говорејќи за протестите против туристичкиот проект на Џаред Кушнер, наречени „Револуција на фламингата“, тој рече дека тие се доказ дека Албанија влегла во нова развојна фаза.

– Луѓето денес бараат повеќе и тоа веднаш. Порано се радувавме на првиот парк во градот, денес секој сака парк во своето маало. Порано беше успех ако имаше вода 15 часа дневно, денес се очекува 24 часа. Тоа е цената на успехот и на растечките очекувања – рече Рама.

На прашањето дали протестите претставуваат обид за дестабилизација, тој одговори дека додека се мирни се легитимен дел од демократијата, а насилството би било „сосема друга приказна“. Како еден од најголемите предизвици за современите демократии, Рама ги посочи социјалните мрежи.

– Тие имаат моќ да влијаат врз размислувањето на луѓето. Демократиите ја помешаa слободата на говор со можноста секој да допре до секој ум и да шири секакви бесмислици. Тоа е сериозен проблем. Лагите се забавни, а вистината е здодевна – заклучи албанскиот премиер.

Извор: Експрес