Европската економија се соочува со нов ризик од енергетски шок кој истовремено може да ја зголеми инфлацијата и да го забави економскиот раст. Европската централна банка внимателно следи дали новиот раст на цените на нафтата, гасот и рафинериските маржи ќе се прелее и врз останатите производи и услуги. Главниот економист на ЕЦБ, Филип Лејн, предупреди дека вториот бран на раст на енергетските цени претставува сериозен предизвик за економијата на еврозоната.

Според него, повисоките цени на енергијата директно го зголемуваат ризикот од повисока инфлација, но истовремено можат да ја намалат економската активност. Причината е што поскапата енергија ги намалува реалните приходи на домаќинствата и ги зголемува трошоците за компаниите- пишува Инвестинг. Новиот бран на поскапување следува по периодот на привремено стабилизирање во текот на летото. Од јули повторно се зголемуваат цените на нафтата и гасот, како и рафинериските маржи.

Инфлацијата во еврозоната во септември достигна 3,8 проценти, додека цените на енергијата биле дури 18,8 проценти повисоки во однос на истиот месец минатата година. За споредба, инфлацијата без енергетскиот сектор изнесувала 2,3 проценти. ЕЦБ особено ќе следи дали повисоките трошоци за енергија ќе се пренесат врз цените на стоките и услугите, но и дали ќе има дополнителни притисоци преку платите и почести промени на цените.

И покрај алармот, Лејн посочува дека засега нема показатели дека енергетскиот шок се претворил во поширока и долготрајна инфлација. Напротив, инфлацијата кај храната се забавила од 2,5 проценти во четвртиот квартал од 2025 година на 1,4 проценти во септември. Базичната инфлација, која ги исклучува најнестабилните компоненти, сепак благо се зголемила – од 2,4 на 2,5 проценти.

Според септемвриските проекции на ЕЦБ, инфлацијата која не е поврзана со енергијата би можела да се зголеми од просечни 2,3 проценти во 2026 година на 2,6 проценти во 2027 година, пред повторно да се намали на 2,3 проценти во 2028 година. Главната причина, според Лејн, е одложеното пренесување на повисоките енергетски трошоци врз останатите сектори.

Дополнителен притисок би можеле да создадат и промените во регулираните цени и индиректните даноци. ЕЦБ затоа ќе следи дали актуелниот енергетски шок ќе остане ограничен на енергетскиот сектор или ќе се претвори во поширок инфлациски проблем за домаќинствата и компаниите во еврозоната.