Европската комисија денеска најави нов пакет итна финансиска поддршка за Украина, која се соочува со закана од напад од Русија, јави Хина.

Новиот пакет вклучува 1,2 милијарди макрофинансиска помош, која треба да одговори на финансиските потреби на Украина поради конфликтот. Покрај оваа помош во заеми, Комисијата најави двојно зголемување на грантот за Украина, што значи нови 120 милиони евра.

Комисијата има и инвестициски план за Украина кој треба да мобилизира шест милијарди евра инвестиции.

– Сакам да бидам јасна, Украина е слободна и суверена земја, која сама го избира својот пат. Европската унија ќе продолжи да биде на нејзина страна, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Таа рече дека разговарала со украинскиот претседател Володимир Зеленски во петокот за да ја анализираат ситуацијата создадена од агресивните дејства на Русија.

– Разговаравме за тоа како ЕУ може да продолжи да и помага на Украина, на краток и среден рок, рече Фон дер Лајен.

Комисијата наведе дека ЕУ и нејзините финансиски институции обезбедиле 17 милијарди евра грантови и заеми за Украина од 2014 година.