На средбата беше истакната важноста на регионот и интегрирањето во ЕУ

Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, се сретна со министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Елиса Спиропали, која престојува во официјална посета. На средбата беше заклучено дека регионот треба да се интегрира во Европската Унија без натамошно одложување, соопшти Кабинетот на претседателката.

Сиљановска-Давкова го поздравила напредокот на Албанија во пристапниот процес, истакнувајќи дека во актуелниот геополитички контекст, секој напредок на земјите од регионот позитивно влијае врз европската динамика. Таа потсетила дека по 20 години кандидатски статус, македонскиот процес станува исцрпувачки маратон со постојано одложување на целта.

„Копенхагенските критериуми мора да бидат единствените услови за членство и билатерализацијата создава опасен преседан, овозможувајќи блокирање на европскиот пат и на други земји кандидатки“, изјави Сиљановска-Давкова.

Заеднички цели и инфраструктурни проекти

Албанската министерка Спиропали изразила силна поддршка за македонските евроинтеграции и истакнала дека земјите од Западниот Балкан споделуваат идентични цели и вредности, кои треба заеднички да ги следат кон европското семејство.

Двете соговорнички се согласиле дека регионалната соработка е клучна за стабилноста, добрососедските односи и инфраструктурното поврзување, особено за реформите неопходни за членство во ЕУ. Беа констатирани активности поврзани со Коридорот 8 во рамки на трилатералниот меморандум потпишан меѓу Македонија, Бугарија и Албанија.

„Воспоставувањето на систем со едно застанување ‘One Stop Shop’ на сите гранични премини меѓу двете земји ќе придонесе за брза заедничка контрола и јакнење на меѓусебната соработка“, стои во соопштението.

Соговорничките посочиле и потребата од засилена економска соработка, продолжување на одличната соработка во НАТО и дека почитувањето на правата на малцинските заедници е дополнителна вредност за пријателските македонско-албански односи.