Целосната примена на европскиот систем за влез/излез (EES) повторно се соочува со проблеми, откако девет земји од Шенген-зоната, меѓу кои Франција, Германија и Италија, ја одложија целосната примена на биометриските проверки.
Станува збор за системот преку кој граѓаните на земји надвор од ЕУ, меѓу кои и Македонија, треба да бидат евидентирани при влез и излез од Шенген-зоната, со земање отпечатоци од прсти и скенирање на лицето, зависно од конкретната ситуација.
Покрај Франција, Германија и Италија, целосната примена ја одложија и Белгија, Холандија, Грција, Малта, Португалија и Швајцарија. Како причини се наведуваат технички проблеми, недостиг на персонал и метеж на граничните премини. објави Скопје1.мк
Системот беше пуштен во употреба во октомври 2025 година, по повеќегодишни одложувања, а целосната примена првично беше планирана за април 2026 година. Поради проблемите беше овозможен период од 150 дена во кој земјите можеа да ги ограничат проверките доколку проценат дека има преголем метеж.
Иако овој период заврши на 6 септември, најмалку девет земји ја информирале Европската комисија дека нема целосно да го применуваат системот додека техничките проблеми не бидат надминати.
Системот треба да функционира преку eu-LISA, агенција на ЕУ која ги поврзува националните системи. При првото влегување во Шенген, податоците од пасошот се внесуваат во централна евиденција, по што се земаат биометриски податоци, кои се споредуваат со постојното досие.
Но, токму тука се појавиле сериозни проблеми. Во некои земји биометриските податоци се собираат, но поради технички грешки не се пренесуваат до eu-LISA. Во други, граничните службеници не можат да пристапат до постојните досиеја, па постапката мора да започне од почеток.
Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт предупреди дека ваквите проблеми можат да предизвикаат сериозни оперативни тешкотии на аеродромите. Во меѓувреме, биометриската опрема вредна милиони евра на дел од аеродромите и пристаништата останува неискористена.
Извор: Експрес
