Од сите земји на Западен Балкан, европските фондови биле најзлоупотребувани во Македонија. Европската служба против измами (ОЛАФ), одговорна за ревизија на фондовите за земјите членки на Европската Унија и за други држави кориснички, во последните пет години отворила 36 истраги за земјите од Западен Балкан за злоупотреба или неправилности поврзани со европските фондови, пренесува Слободен Печат.
Според податоците објавени од ОЛАФ, што ги пренесоа дел од албанските медиуми, од вкупно 36 истраги за користењето на европските фондови на Западен Балкан, дури 18 се однесуваат на злоупотреба на фондовите од властите во Македонија. ОЛАФ подготви седум препораки за европските институции и за македонските власти.
Од службата нема дополнителни информации за конкретните истраги, но објавено е дека за европските фондови, кои се потрошени целосно или делумно на национално или на регионално ниво во 2022 година, во Македонија биле отворени четири истраги, а три се затворени со соодветни препораки.
Втора земја во регионот според бројот на почнати истраги е Србија каде што ОЛАФ отворила девет, а за четири затворени истраги се дадени препораки. Во Босна и Херцеговина биле отворени три истраги, а дадени се препораки за две, додека на Косово имало три истраги и една препорака за затворена истрага. Во Албанија биле отворени две истраги, вклучувајќи ја и таа од 2021 година што се однесува за земјоделските фондови, а на дното на листата на ОЛАФ е Црна Гора со само една отворена истрага.
Истрагите на ОЛАФ не завршуваат секогаш со откривање на виновниците, а целата постапка може да заврши со препорака земјата корисничка да ги врати злоупотребените средства. Во случај злоупотребите да се евидентни, тие се предаваат на соодветните власти во земјата за да отворат истрага за криминал.
Се забележува и директна корелација меѓу напредувањето на една земја во евроинтеграции и бројот на започнати истраги.