Шефовите на држави и влади на Европската унија на самитот што ќе се одржи денеска и утре, меѓу другото, ќе разговараат и за дијалогот меѓу Србија и Косово. Претставниците на ЕУ потврдија дека таа точка е вклучена во последен момент.

Во заклучоците од самитот ќе биде вклучен и дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија. Шефовите на држави и влади на ЕУ ќе ја истакнат итната потреба за напредок во процесот на нормализирање на односите меѓу Косово и Србија преку дијалог со посредство на ЕУ.

„Европскиот совет го поздравува европскиот предлог односите меѓу двете страни да се стават на нова и одржлива основа како историска можност што треба да ја искористат двете страни за да ја остварат својата европска перспектива“, се наведува во нацрт-заклучоците, во кои имале увид од Радио Слободна Европа.

Исто така, преку заклучоците ќе се апелира и двете страни „целосно и безусловно да ги спроведат“ обврските што ги презедоа во рамките на дијалогот, вклучително и договорите од 2013 и 2015 година за создавање Асоцијација/Заедница на општини со српско мнозинство во Косово.

Предлогот на ЕУ беше доставен до властите во Приштина и Белград и е поддржан од Франција, Германија и САД.